Јувентус е на добар пат да му зададе сериозен удар на Наполи, „крадејќи“ го спортскиот директор Кристијан Џунтоли како прв оперативец на „старата дама“ за наредните три години. Новата управа на „црно-белите“ е во потрага по нов спортски директор по големиот скандал во кој беа вмешани највисоките луѓе во клубот, а од неколкуте кандидати изборот паднал токму врз Џунтоли, и тоа поради неговата беспрекорна работа во Наполи.
Имено, токму овој човек е најзаслужниот за формирањето на моќен тим, но и за пронаоѓањето на врвни фудбалери за ниска цена на пазарот. Така, Наполи во своите редови има играчи како Ким, Лоботка, Зиелински, Елмас, Квараскелија… кои беа донесени за ниска отштета, а нивната вредност во меѓувреме се зголеми за неколку пати. Де Лаурентис не крие дека е презадоволен од работата на Џунтоли, но самиот директор смета дека со освојувањето на скудетото е достигнат врвот и сега бара нов предизвик во кариерата.
Јувентус ќе нема богат буџет, виси и учеството во европските купови за наредната сезона, па токму затоа се бара оперативец што ќе состави силна екипа со лимитирани финансии. Џунтоли е идеален кандидат, тој веќе имал неколку средби со челниците на клубот, при што е постигнат начелен договор за соработка до јуни 2026 година, за двојно повисока плата од онаа што ја зема во Наполи во моментов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА