Јувентус не успеа во намерата да го размени Душан Влаховиќ за Ромелу Лукаку плус пари, но „старата дама“ не се откажува од желбата да ангажира нов голгетер до крајот на преодниот рок. Желба на Масимилијано Алегри е во клубот да го врати Алваро Мората, со кого имаше беспрекорна соработка кога последен пат седеше на клупата на Јуве, но Алегри најпрвин ќе мора да продаде еден од постоечките напаѓачи за да отвори место за Шпанецот.
Влаховиќ и покрај неколкуте понуди се очекува да остане во Јувентус, но затоа „старата дама“ ќе инсистира до крајот на преодниот рок да го продаде Моисес Кеан. Италијанскиот напаѓач ниту лани не беше најстандарден, па Алегри е подготвен да го жртвува за да отвори простор за играч што подобро би се снашол во неговите тактички замисли.
Милан беше поврзуван со Кеан, но „росонерите“ испратија само понуда за позајмица, опција што не им одговара на челниците на Јувентус. Во игра сега е премиерлигашот Фулам, кој бара нов голгетер по заминувањето на Митровиќ во Саудиска Арабија, па во Јуве се надеваат дека ќе се договорат со овој клуб за Кеан да се пресели на „Крејвен Котиџ“, за потоа Мората да се врати назад во таборот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

