Јувентус денеска и официјално му врачи отказ на Масимилијано Алегри, нецели 48 часа откако овој стратег го освои трофејот во Купот на Италија на „старата дама“.
Пласманот во ЛШ е веќе обезбеден и логично беше Јуве да го дочека крајот на сезоната за да го официјализира заминувањето на тренерот, но инцидентот што Алегри го направи со конфликтот со неколку новинари по финалето во Рим само го забрза целиот процес.
Извори блиски до „старата дама“ тврдат дека допрва ќе дојде до битка меѓу Алегри и најтрофејниот италијански клуб. Имено, тренерот има уште една година од актуелниот договор, во која заедно со предвидените бонуси би можел да заработи 10 милиони евра.
Алегри е бесен на Јуве и веќе ставил до знаење дека ќе си ги бара сите пари по судски пат, а челниците на Јуве токму затоа во соопштението наведоа дека тренерот го смениле поради прекршување на клупските правила.
„Јувентус објавува дека Масимилијано Алегри е ослободен од должноста тренер на првиот тим. Отказот доаѓа по одредени испади во однесувањето за време и по мечот од Купот на Италија, кои се некомпатибилни со вредностите на Јувентус“, стои во соопштението на клубот.
„Црно-белите“ од Торино ќе се обидат на ваков начин да ја избегнат богатата исплата кон досегашниот тренер, но судот ќе биде тој што ќе одлучи колку пари ќе треба да добие Алегри за предвремениот отказ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА