Раководството на Барселона е уверено дека до првиот натпревар од новата сезона во Ла Лига ќе успее да ги регистрира новите засилувања, но Јувентус, Интер и Милан од страна „тријат раце“ и чекаат дебакл на каталонците за да го ангажираат Френк Кеси, пренесуваат италијанските медиуми.
Доскорешниот фудбалер на Милан по завршување на договорот со „росонерите“ замина во шпанскиот гигант како слободен играч, но исто како и Андреас Кристенсен во договорот доби посебна клаузула која му дозволува да ја промени средината доколку Барселона не успее да го регистрира за самиот почеток на првенството.
За Барселона да успее да ги регистрира Кеси и Кристенсен потребно е некој да замине од клубот, но преговорите не се одвиваат во посакуваното темпо. Се чини дека најблиску до заминување е Френки де Јонг кој се поврзува со Челси, но дали каталонците ќе успеат да го убедат Холанѓанецот да замине пред последниот рок кој е во сабота остнаува да видиме.
Доколку Кеси се врати на „Чизмата“ тоа за него ќе биде продолжување на кариерата на добро познатото место. Тој во 2015 година пристигна во редовите на Аталанта, а покрај Милан ги бранеше и боите на Чезена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА