Јувентус испрати понуда за Папу Гомез

Јувентус се вклучи во трката по Папу Гомез, испраќајќи официјална понуда до Аталанта за капитенот на тимот од Бергамо. „Старата дама“ не планира да троши пари, туку во директна размена за аргентинскиот офанзивец го понудила Федерико Бернардески, фудбалер на чии услуги Пирло не смета сериозно оваа сезона.

Јувентус летово бараше 30 милиони евра за Бернардески, не се јави ниту еден заинтересиран клуб, па цената на овој фудбалер падна на 20 милиони евра. Тоа воедно е и сумата на која Аталанта го има проценето својот капитен, кој е на излезна врата по конфликтот што го имаше со тренерот Гасперини. Гомез е далеку повозрасен од Бернардески, но важи за проверен играч кој веднаш би направил разлика во клубот каде што ќе замине.

Ставот на Аталанта е тој да не биде продаден на директен ривал за највисок пласман, но засега клубот од Бергамо не добил ниту една понуда надвор од Италија. Доколку тоа не се смени наскоро, понудата на Јувентус ќе стане уште поактуелна, па Гомез до крајот на месецов би се преселил во таборот на „старата дама“.

Се вчитува...