Јувентус извиси за Араухо, тргнува на шопинг во Милано

Тијаго Мота инсистира Јувентус да доведе нов одбранбен фудбалер во јануарскиот преоден рок, но ситуацијата се искомпликува откако „првиот пик“ Роналд Араухо во последен момент се премисли и ја одби „старата дама“. Уругваецот начелно ги имаше прифатено условите од договорот со Јуве, но последната средба со претседателот Лапорта и директорот Деко го промени неговиот став – па Араухо сега е подготвен да потпише нов договор со Барселона и нема да ги менува клупските бои во блиска иднина.

„Старата дама“ поради ова ќе тргне во шопинг во Милано, во обид да го ангажира Фикајо Томори. Поранешниот фудбалер на Челси е меѓу најстандардните фудбалери на Милан во последните години, но управата на „росонерите“ веќе стави до знаење дека нема „недопирливи играчи“ и секој би можел да си замине ако пристигне вистинска понуда.

Згора на тоа, платата на Томори за следните две сезони ќе порасне на 4,5 милиони евра по сезона, тој нема намера да потпише нов договор, па Милан би можел да го продаде за да не ризикува неговата вредност дополнително да се намали.

Понудата што Јувентус ја испрати е пет милиони евра за позајмица до крајот на сезонава, со клаузула за задолжителен откуп во јули за дополнителни 20 милиони евра, плус пет милиони евра преку неколку лесно остварливи клаузули. На потег е раководството на Милан, да одговори на оваа понуда и да се види дали двата италијански гиганта можат да најдат заеднички јазик во преговорите за трансферот на Англичанецот.

Се вчитува...