Јувентус отпатува со комплетирана одбрана за Португалија, каде утревечер го игра првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Порто. Тренерот Масимилијано Алегри ќе ги има на располагање и искусните дефанзивци Џорџо Кјелини и Андреа Барѕалји, кои во изминатиот период се мачеа со повреди. Сепак, навреме се опоравија за да влезат во тимот за значајното гостување од ЛШ.
„Порто е квалитетен тим, го респектираме максимално и свесни сме дека не очекува тежок дуел. Но, Јувентус е подготвен да оди далеку во Лигата на шампионите оваа сезона“, порача Џорџо Кјелини.
Италијанските медиуми најавуваат дека сепак Леонардо Бонуи најверојатно нема да добие шанса за настап, иако отпатува во Португалија. Тој имаше караница со тренерот Алегри на мечот против Палермо во Серија А, па сега можно е да добие ’дисциплинска мерка’ со седење на трибините.
И покрај тоа што не се лиценцирани за настап во ЛШ, со тимот на „старата дама“ во Португалија заминаа и Штефан Лихтштајнер и Томас Ринкон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА