Анхел ди Марија сепак нема да ја продолжи кариерата во дресот на Јувентус, откако на челниците на „старата дама“ им здодеа да го чекаат одговорот на Аргентинецот на понудата што на неговиот агент му беше доставена пред повеќе од десет дена.
Ди Марија е интересна опција бидејќи е слободен играч по истекот на договорот со ПСЖ, но проблем претставува фактот дека Аргентинецот инсистира само на едногодишен договор. Јувентус најпрвин инсистираше на двогодишна соработка, а потоа се согласи и на едногодишен договор за плата од шест милиони евра плус бонуси.
Ди Марија бараше девет милиони евра за една сезона, Аргентинецот побара време за да размисли, но откако ги проби двата последни рока дадени од „старата дама“ без да даде конечен одговор, Јувентус реши официјално да ги прекине преговорите со него.
Барселона, која исто така беше заинтересирана за Ди Марија, се откажа на самиот старт од преговорите поради недовербата во мотивираноста на фудбалерот, кој инсистира на висока плата за едногодишна верност, пред да се врати во татковината и таму да ја заврши кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА