Јувентус е на чекор до големото финале во Лигата на шампионите, но тренерот Алегри и фудбалерите на „старата дама“ се свесни дека за да стигнат до билет во Кардиф никако не смеат да си дозолат опуштање на вечерашниот реванш против Монако. „Црно-белите“ имаат одлична предност од два гола од првиот натпревар на „Луј втори“, но Алегри е свесен дека одбраната повторно мора да биде на највисоко ниво за да се запрат Мбапе, Фалкао и останатите адути на „кнезовите“.
„Тајната на успехот на нашата одбрана лежи во балансот, глупаво е да се делат пофалби на индивидулци кога нашата сила е во колективот. Монако има одлични офанзивци, сигурно ќе сторат се за да ни создадат проблеми, не се залажуваме дека работата е завршена бидејќи ни претстојат уште 90 минути фудбал против силен и незгоден ривал“ – истакна Џорџо Кјелини.
Јувентус има скор од девет победи и две реми на последните единаесет домашни средби во ЛШ. Покрај тоа, „старата дама“ е без примен гол на петте последни средби во нокаут фазата од елитното европско натпреварување, што дополнително ќе ја искомпликува тешката задача за избраниците на Леонардо Жардим.
„Не треба да размислуваме премногу, едноставно да тргнеме во напад и да се обидеме да постигнеме најмалку два гола. Во првиот меч имавме ист број на шутеви како и Јувентус, но гостите ги искористија своите шанси за разлика од нас. Очигледно е дека имаат поголемо искуство од нас, но верувам дека ја научивме лекцијата на првата средба и овојпат подобро ќе ги користиме своите шанси“ – изјави Жардим во пресрет на денешниот натпревар.
За Монако ова ќе биде четврто полуфинале во ЛШ, а на претходните три гостувања во оваа фаза „кнезовите“ имаат едно реми и два порази. Згора на тоа, „кнезовите“ имаат скор од една победа и пет елиминации во шесте досегашни нокаут пресметки со ривали од Италија.
Што се однесува до составите, Јувентус за овој натпревар ќе биде посилен за Сами Кедира, додека Монако најверојано ќе настапи со истите единаесетмина од минатата седмица, предводени од француското „чудо од дете“ Килијан Мбапе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА