Јувентус планира две засилувања од Премиер-лигата

Јувентус планира коренити промени во текот на летниот преоден рок, веќе е постигнат договор со Тијаго Мота за нов тренер, а договорено е и пристигнувањето на Ди Грегорио од Монца како прв голман на местото на Шчесни, кој се наоѓа многу блиску до заминување во Саудиска Арабија, и тоа во Ал Наср како соиграч на Кристијано Роналдо.

„Црно-белите“ од Торино водат интензивни преговори со Аталанта за Копмајнерс, а паралелно со тоа се разговара и за две квалитетни засилувања кои би пристигнале од Премиер-лигата.

Првото е Даглас Луиз, бразилскиот интернационалец кој би ја пополнил позицијата последен играч за врска која беше „слаба точка“ на „старата дама“ минатата сезона. Астон Вила бара 65 милиони евра за овој фудбалер, но Јувентус веќе испратил понуда од 20 милиони евра плус двајца фудбалери, Мекени и Илинг Џуниор, за да дојде до потписот на Луиз, кој веќе ги има договорено личните услови со најтрофејниот италијански клуб.

Исто така, во тек се преговорите со Манчестер Јунајтед околу можноста Мејсон Гринвуд да му се приклучи на Јувентус во текот на летово. Крилниот офанзивец го остави зад себе хаотичниот период, последните месеци играше во топ-форма во дресот на Хетафе, а Гринвуд не крие дека не сака да остане во Јунајтед. Тој веќе ставил до знаење дека сака кариерата да ја продолжи во Јувентус, но проблем е што „старата дама“ нуди само позајмица на една или две сезони, додека Јунајтед инсистира на перманентен трансфер.

Гринвуд би пристигнал во Јувентус на местото на Киеза, кој летово ќе биде продаден, додека Даглас Луиз би добил место во средниот ред во ситуација кога Адриен Рабио е пред заминување како слободен играч.

Се вчитува...