Раководството на Јувентус е убедливо најдобро во убедување на фудбалери за ангажман по истек на нивните договори со актуелните клубови. Само летово на таков начин беа донесени Арон Рамзи и Адриен Рабио, во минатото тоа беше случај со Дани Алвеш, Погба, Пирло, Канаваро, Кедира, Џан, Коман… а сега „старата дама“ има нова желба – за следното лето да го договори ангажманот на Кристијан Ериксен.
Данецот со години наназад е меѓу најдобрите фудбалери на Тотенхем, но влезе во последната година од договорот со лондонскиот клуб, со јасна намера да не ја продолжи соработката со „спарси“. Последната понуда за плата од 150.000 фунти неделно беше експресно одбиена, а Тотенхем веќе подготви и 200.000 фунти неделна заработувачка, но директорот Леви не е оптимист дека може да се најде заеднички јазик со Ериксен.
Данскиот играч за врска е решен да замине во поголем клуб, а Јувентус дефинитивно влегува во кругот на европски гиганти кои би го заинтересирале Ериксен. Италијанските медиуми објавија дека „старата дама“ веќе стартувала со оваа „операција“, остварувајќи првични контакти со агентот на Данецот. Се уште е рана фаза за конкретни бројки, но се очекува Ериксен да добие околу 15 милиони евра за самиот потпис, а потоа и плата од над 13 милиони евра по сезона, со што би бил втор најплатен играч на Јуве, зад Кристијано Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА