Италијански Јувентус по секоја цена се обидува во своите редови да го доведе италијанскиот репрезентативец Сандро Тонали, кој игра за англиски Њукасл.
Англичаните бараат најмалку 60-70 милиони евра, сума која е превисока за Јувентус, па е подготвен да вклучи и еден од своите играчи во трансферот.
Една од картите на кои би можела да игра „Старата дама“ е очекуваното заминување на најдобриот стрелец на Њукасл, Александар Исак во Ливерпул ова лето. Доколку тоа се случи, Јуве би му го понудил на Њукасл српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ, пренесува „Газета дело спорт“.
Влаховиќ, исто како Јувентус, има турбулентна сезона, а неговата судбина ќе биде појасна во наредните недели кога се очекува новиот тренер Игор Тудор да каже на кои играчи ќе смета следната сезона.
Со месеци се шпекулира за заминување на Влаховиќ од Торино, најчесто се споменуваат англиски клубови, а за прв пат се појави и името на Њукасл.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА