Засилување на средниот ред е приоритет на Јувентус за зимскиот преоден рок, откако овој дел од тимот стана болна точка по суспензиите на Погба (допинг) и на Фаџоли (скандал со обложување). „Црно-белите“ се свесни за проблемот и веќе работат на ангажман на најмалку едно засилување, а на врвот на листата со желби на управата е Калвин Филипс.
Екс-фудбалерот на Лидс веќе втора сезона ја грее клупата на Манчестер Сити, не добивајќи речиси никаква шанса да ги покаже своите квалитети во тимот на Пеп Гвардиола. Поради ова „граѓаните“ се подготвени на преговори, а во прилог оди и што Сити би дозволил позајмица на шест месеци, што би значело дека Јуве би можел да мине без посериозна финансиска инвестиција.
Сепак, проблемот е во тоа што Алегри нема премногу високо мислење за овој фудбалер, па тренерот на Јуве веќе побарал од управата друго име како приоритет за јануарскиот преоден рок. Станува збор за Данецот Хојбјерг, кој добро се снаоѓа како последен играч за врска, но може да игра и поофанзивно во средниот ред (за разлика од Филипс), што го прави далеку подобра опција за „старата дама“.
На потег е директорот Џунтоли, кој ќе треба да најде „формула“ за да ја исполни желбата на тренерот. Или пак да ја истера до крај својата варијанта, да го доведе Филипс, а за Хојбјерг да почека до крајот на сезонава и летниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА