Јувентус е на добар пат да го осигура потписот на Џејдон Санчо, откако преговорите со Манчестер јунајтед за овој крилен офанзивец влегоа во завршна фаза. „Црвените ѓаволи“ сакаат што поскоро да се ослободат од обврските кон еден од најплатените играчи во тимот, затоа и ја спуштија цената на 25 милиони евра, додека самиот Санчо изразил подготвеност да прифати и нешто помала плата, само да се реализира неговиот трансфер во најтрофејниот италијански клуб.
Јувентус не се наоѓа во најдобра финансиска ситуација, но челниците на клубот успеаја да продадат двајца фудбалери и да обезбедат буџет со кој би го покриле доаѓањето на Санчо. Тимоти Веа ќе го напушти Јуве и ќе се пресели во Олимпик Марсеј, двата клуба долго преговараа и на крајот најдоа заеднички јазик – Веа ќе замине на едногодишна позајмица, но со клаузула за задолжителен откуп во висина од 15 милиони евра следното лето.
Заедно со него клубот ќе го напушти и Мбангула, младиот крилен офанзивец кој не е дел од плановите на Игор Тудор иако имаше сосема солидни партии минатата сезона. Бундеслигашот Вердер е најзагреан за Мбангула, тимот од Бремен е подготвен да плати 12 милиони евра за неговиот потпис, Јувентус ќе даде зелено светло, па се очекува младиот офанзивец во текот на следната седмица и официјално да се пресели во Бундес-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

