ПСЖ се насочи кон ангажман на нови засилувања кои се слободни играчи на пазарот, веќе е договорен Вајналдум од Ливепрул, а во следните 48 часа се очекува да биде официјализирана и преселбата на Џиџо Донарума од Милан на „Паркот на принцовите“. За овој фудбалер во изминатиот период сериозен интерес покажаа Јувентус и Барселона, но како што беше тоа случај и со Вајналдум, финансиската моќ на ПСЖ пресуди суперталентираниот голман да се пресели во Париз.
Донарума ќе потпише петгодишен договор за плата од огромни 12 милиони евра по сезона, а „светците“ воедно се согласиле да ја платат провизијата на агентот Мино Раиола, вредна огромни 20 милиони евра. ПСЖ дефинитивно плаќа богатство, а интересно е што Донарума ќе нема загарантиран првотимски статус со оглед на одличната форма во која во последните две години голот на „светците“ го чуваше Кејлор Навас, кој пред крајот на сезонава потпиша и нов договор со францускиот гигант.
Јувентус се откажа од трката по Донарума и веќе му соопштил на Шчешни дека ќе остане како прв голман и за наредната сезона, а „старата дама“ планира да врати некој од голманите што ги имаше испратено на позајмица, за да биде резерва во новиот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА