Адриен Рабио се наоѓа на излезна врата од Јувентус откако раководството на „старата дама“ го промени ставот околу иднината на францускиот интернационалец. Поранешниот играч на ПСЖ минатото лето потпиша нов едногодишен договор и во изминатите месеци преговараше за слична ситуација, нов договор само до 2025 година по што би можел без никаква отштета наредното лето да си замине од клубот.
За челниците на Јувентус оваа опција најпрвин беше прифатлива, но како што одминуваше времето, а Рабио воедно и зачести со повредите, се промени овој став на најтрофејниот италијански клуб. Јуве сега инсистира на договор на најмалку две години, за да може да се надева на соодветна отштета ако реши да го продаде следното лето, но Рабио јасно ставил до знаење дека нема намера да се согласи на вакви услови.
Францускиот интернационалец е многу блиску до преселба во Премиер-лигата, каде Њукасл и Манчестер Јунајтед не го кријат интересот и веќе испратија понуди со плата повисока од онаа што Рабио ја зема во Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА