Резултатската криза на Јувентус продолжува откако „црно-белите“ од Торино едвај стигнаа до бод на гостувањето против Калјари (2-2). Ова беше петти гостински меч во низа на кој избраниците на Алегри не успеаја да стигнат до цел плен откако последната победа надвор од Торино ја забележаа пред три месеци во Лече (0-3).
Во таборот на Јуве мораат да бидат и пресреќни од ваквиот исход, особено ако се знае дека по првото полувреме губеа со 2-0. Во 30. минута беше досуден пенал за Калјари по играњето со рака на Бремер, по што Гаетано рутински го совлада Шчесни. Шест минути подоцна домаќините добија уште еден пенал, овојпат Мина ја презеде одговорноста и лесно реализираше за огромна предност на тимот на Клаудио Раниери.
Тоа сепак се покажа недоволно за Калјари да стигне до цел плен, откако Јуве во второто полувреме дојде до 2-2. Првиот погодок беше вистинско ремек-дело од слободен удар на Душан Влаховиќ, додека конечните 2-2 беа дело на домашниот дефанзивец Досена, кој најпрвин загуби топка на триесетина метри од својот гол, за десетина секунди подоцна со неспретна интервенција да ја смести во сопствената мрежа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА