Игор Тудор успеа да го внесе Јувентус во Лигата на Шампионите, по што управата на „црно-белите“ од Торино како награда му даде на Хрватот нов договор. Само што, продолжувањето на соработката не е долгорочно, туку се однесува само за уште еден месец, со што Тудор ќе добие шанса да го предводи Јуве на претстојниот клупски мундијал што од 14 јуни до 13 јули ќе се одржува во САД.
„Старата дама“ води преговори со Антонио Конте за да го преземе кормилото на тимот од следната сезона, а агентот на Тудор, Антони Шериќ, обелодени дека Хрватот ќе остане како шеф на стручниот штаб до крајот на клупскиот мундијал.
„Постигнат е договор со управата, Игор ќе остане на клупата и за светското клупско првенство. Воедно, договорено е тој да не врши никаков притисок врз челиците околу изборот за иднината, секако тој се надева дека ќе остане на чело на Јуве и во следната сезона“, истакна Шериќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

