Јувентус во следниот период ќе мора да се снаоѓа без услугите на Душан Влаховиќ откако српскиот ас заработи повреда за време на саботниот дуел со Калјари. Голгетерот мораше да биде заменет по само триесетина минути игра, а Спалети веднаш по мечот изјави дека повредата не изгледа добро и дека Влаховиќ ќе мора да отсуствува извесно време.
Детални информации се очекуваат во текот на денешниот ден, но „црно-белите“ од Торино се подготвуваат да бидат без Влаховиќ до крајот на оваа календарска година. Моментот е крајно незгоден ако се знае дека Јуве во следните седмици има три тешки средби против Наполи, Болоња и Рома, на кои помошта од Србинот ќе беше и повеќе од добредојдена, особено ако се земе во предвид катастрофалната форма на Дејвид по траснферот од редовите на Лил.
Влаховиќ е најдобар стрелец на Јуветус сезонава со шест постигнати погодоци на 17 натпревари, па останува да се види како ќе се снајде Јуве без овој играч во наредниот период.
„Старата дама“ моментно се наоѓа на седмото место на табелата со 23 бода, пет помалку од водечките Милан и Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

