Една необична расправија со месеци беше поважна од резултатите во фудбалскиот свет. Ева Карнеиро му се спротивстави на Жозе Мурињо, а интервенцијата на поранешната докторка на Челси и реакцијата на тогашниот тренер на „сините“ на крај доби и судска разврска. По инцидентот Ева Карнеиро се повлече од јавноста, но нејзината борба продолжува и понатаму.
Ева Карнеиро седум години беше дел од лондонскиот тим. Во периодот од 2008 до 2015, на клупата на лондонските „сини“ се сменија многу играчи и неколку тренерски имиња, од Андре Вилјаш Боаш, Роберто ди Матео, Рафаел Бенитез до Жозе Мурињо, а Карнеиро секогаш беше таму. „Специјалниот“ ја избрка од клупата на Челси со обвинение дека „не ја разбира играта“.
Натпреварот против Свонси значеше крај на нејзината кариера во Челси. Докторката заедно со физиотерапевтот влезе на терен за да му пружи помош на Азар и тој потоа мораше да го напушти теренот, иако не беше посериозно повреден. Челси остана со десет играчи на терен, а Мурињо целиот бес го истури на Карнеиро. Португалскиот стручњак после тоа му забрани на лекарскиот тим да седи на клупата. Карнеиро му возврати дека таа само си ја работела својата работа и се отвори кавгата, а потоа следуваше тужба за клубот и за Мурињо.
Од септемеври 2015, Ева Карнеиро не работи повеќе како докторка на Челси. Во меѓувреме, и Мурињо го напушти Челси и се пресели на клупата на Манчестер јунајтед.
Докторката по заминувањето од Челси во изминативе месеци се држеше подалеку од медиумите. Во интервјуто за британскиот „Дејли Телеграф“ таа неодамна го открива својот дел од приказната за караницата со големиот тренер и за својата борба за рамноправност во машкиот свет.
Ева Карнеиро е родена на Гибралтар. Во својата рана возраст, Ева тренирала балет и јавање и уште тогаш се соочила со неколку повреди. Барајќи начин како најлесно да ги надмине повредите, Ева почнала да се интересира за спортската медицина. А љубовта за фудбалот доаѓа од нејзиниот татко кој како страстен навивач на Реал Мадрид често ја носел својат ќерка единка на „Сантијаго Бернабеу“. Во 1992 година Ева Карнеиро почнала да студира медицина на Универзитетот во Нотингем што потоа ја носи и во Челси. Во лондонскиот клуб дошла во 2008 година како доктор помошник, а од 2011 година таа беше прв доктор во тимот. Иако својата работа ја работи со огромна страст за медицината и за спортот, Ева често наидува на отпор.
„Додека растев не ни помислував дека во мојата работа ќе ми биде проблем тоа што сум женско. Никогаш не ми паѓало на памет дека може да постојат разлика во тоа што можеме да го направиме, само поради тоа дали сме машко или женско! Ме чудеше тоа што другите мислеа дека моите амбиции се предизвик. Ми велеа дека тоа што го сакам јас е невозможно. И се се ссведуваше на мојот пол, на начинот на кој се облекувам и како изгледам, затоа што јас сум жена. За тоа станав свесна кога почнав да напредувам во кариерата, а тоа не беше она сфаќање со кое јас израснав. Татко ми секогаш ме поттикнуваше и ми велеше дека нема нешто што јас не можам да го направам ако го сакам тоа и ако се трудам да го постигнам“ – вели Ева Карнеиро.
Таа сепак, успеа да се пробие и да се избори нејзиниот труд да биде ценет. Стана прва докторка на Челси и на таа позиција беше четири години, до натпреварот со Свонси и караницата со Мурињо. Случајкот заврши со судење, а Ева на крај доби извинување од лондонскиот клуб затоа што во судскиот спор се потврди дека таа постапила по својата должност како докторка бидејќи здравјето на играчот го ставила на прво место.
Напуштањето на Челси не беше и единствениот проблем за Ева Карнеиро. Таа како што открива во интервјуто, поради случајот во Челси добивала и закани по живот што на крај нејзината работа од соништата ја претворило во вистински кошмар.
„Здравјето и сигурноста на пациентите што ги лекувам за мене секогаш беа приоритет. Така е кај сите доктори. Тоа што ми се случи мене се случи пред очите на јавноста и затоа имаше големи последици на тоа како се гледа на безбедноста во спортот. Да не се разјаснеше сето тоа, јас и денеска ќе се борев. Сето тоа влијаеше на начинот на кој ќе се однесуваат докторите во иднина и на начинот на кој размислува управата на клубовите. Безбедноста на играчите и за нив треба да биде најважна. Ако не се зборува за важноста на тоа, постои опасност да се создаде една сива зона“ – појаснува поранешната докторка на Челси.
После бурата во лондонскиот клуб, Ева Карнеиро мир најде во родниот Гибралтар каде денес има своја приватна клиника.
„Кога се наоѓате во тежок период, многу значи поддршката од блиските луѓе. Моите Гибралтарци повторно ми го вратија чувството на заедништво. Запознав луѓе кпи бе подготвени да станат и да се борат. Стекнав многу нови пријатели и тоа е позитивната работа што ја вадам од ова априказна. Многумина од нив немаше да ги запознаам да не се случеше тоа во Челси. За жал, не може да го смениме умот на поединци, но може да ги освестиме луѓето дека тие проблеми постојат и тие влијаат на некои други“ – вели Ева Карнеиро.
Иако по непријатното искуство во Челси нејзината заложба е да остане подалеку од клупските ангажмани, таа сепак, останува дел од елитниот спорт како една од членовите на Лекарската судиска група во УЕФА преку која има пристап до сите податоци за повредите на играчите во сите клубови што настапуваат во Лигата на шампионите. А, вели дека и понатаму ќе продолжи да се бори против дискриминацијата на жените во фудбалот.
„Јас сум само докторка која, ете случајно е жена која ја следела својата страст, а тоа е спортската медицина. Она што го чувствувам е одговорноста да зборувам за тие проблеми кои мора да се сменат“ – вели Ева Карнеиро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА