Стефано Пиоли синоќа за последен пат го водеше Милан на дуелот со Салернитана (3-3), иако има уште една година од актуелниот договор искусниот стратег летово ќе си замине поради одлуката на управата за носење на нов тренер на „Сан Сиро“.
Фудбалерите не ја криеја поврзаноста со тренерот прославувајќи ги трите погодоци на синоќешниот дуел, а Пиоли по мечот се заблагодари за поддршката што ја добивал во овој период.
„Исполнет сум со емоции благодарение на нашите навивачи, тоа не се чувствува премногу често во тренерската кариера. Горд сум на се што постигнавме заедно, што испишавме историја во еден така престижен клуб како Милан“, изјави Пиоли.
Тој веднаш беше прашан за плановите за иднината, по што трофејниот стручњак меѓу редови откри дека размислува за преселба во Премиер-лигата.
„Минатата недела имав повик од агентот, но му реков дека не сакам да разговарам со никого додека се уште сум под договор со Милан. Мислам дека ќе се појави нешто во следните десетина дена, би сакал да најдам нов предизвик, нешто што ќе ме стимулира. Почнав да учам англиски, можеби е вистински момент за такво нешто. Не чувствувам притисок да изберам нешто што побрзо, но верувам дека би можел да добијам вистинска понуда“, истакна Стефано Пиоли.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА