Каде ќе се „крши“ мечот во Гевгелија: Бенџамин, Симоновски и битката под обрачите

Полуфиналните битки во кошаркарскиот плејоф продолжуваат со денешниот дуел меѓу Блокотехна и МЗТ Скопје (18.30 часот, сала „НОЕЛ“ во Гевгелија). На домашниот тим е да најде начин да го запре налетот на македонскиот првак, од кого ги загуби последните четири меѓусебни пресметки (една во Купот на Македонија, две во Супер-лигата и една во полуфиналето). Значењето на мечот е огромно, триумф на домаќините ја враќа неизвесноста, победа на гостите ги носи на чекор до големото финале. Јасно е дека влогот е голем, а кошаркарите на двата тима ќе треба да дадат се од себе за да стигнат до посакуваниот резултат.

Битка ќе се води на секоја педа од теренот, но ова се трите фактори кои може да се покажат клучни за конечниот победник.

Борбата под обрачите

Јасно е колку е значајна битката под обрачите и бројот на скокови во пресметките на два квалитетни тимови во битка во плејофот. Лимитирањето на поените од „втора шанса“ на противникот се многу значаен фактор во битката за победа, впрочем и досегашните пет дуели меѓу овие тимови редовно ги добивал тимот што имал повеќе скокови.

При првата победа во Аеродром кошаркарите на Блокотехна го натскокаа МЗТ со 40-51, потоа во Гевгелија беа поуспешни во оваа категорија со 34-31. „Металците“ знаеја што треба да се поправи во играта, па на следните три средби имаа доминација во рекетот (53-36, 51-36, 37-35).

Двејн Бенџамин

Американскиот крилен кошаркар е најдобар член на Блокотехна сезонава, но падот во формата во последните триесетина дена, по незгодната повреда на рамото е очигледен. Впрочем, тој постигна само шест поени на првиот меч во Скопје, доказ за добрата одбрана што МЗТ ја одигра против него, но тренерот Илиевски со право ќе очекува Бенџамин да ја преземе лидерската улога во тимот против шампионот попладнево во салата „НОЕЛ“ во Гевгелија.

Марко Симоновски

МЗТ Скопје има бројни оружја кои можат да го решат секој натпревар, но во најдобра форма од сите се наоѓа Марко Симоновски. Беспрекорниот шутер се претвори во вистински „снајпер“, постигна осум тројки во Гостивар, потоа девет на првиот меч со Блокотехна. Конечно целосно здрав и во топ-форма, Симоновски игра извонредно, а доколку тој влезе во посакуваниот шутерски ритам, за ривалите е тешко да го неутрализираат.


Комерцијално видео

Се вчитува...