Килијан Мбапе е во војна со управата на ПСЖ, на првите луѓе на „светците“ им дојде преку глава самобендисаното однесување на одличниот голгетер, кој веќе во јануари би можел да добие зелено светло за заминување од „Паркот на принцовите“.
Мбапе во текот на летото одби огромна понуда од Реал Мадрид, но сега се чувствува изневерено поради неисполнетите ветувања од управата и од новиот тренер Галтие. Тој не е среќен поради фактот што Нејмар не беше продаден, но исто така и од својата позиција во тимот, бидејќи Мбапе не крие дека не му се допаѓа да настапува како класична деветка (како што го користи Галтие) туку многу повеќе сака да игра крај класичен напаѓач во тимот (како што е тоа случај крај Бензема или крај Жиру во француската репрезентација).
Конфликтите што ги има со соиграчите и со стручниот штаб придонесоа и управата на ПСЖ да го загуби трпението со Мбапе, кој веќе во јануари би можел да си замине, доколку пристигне интересна понуда. Францускиот гигант има само еден услов – тоа нема да биде во Реал Мадрид, бидејќи Ал Келаифи е разочаран од односот на Флорентино Перез и преговорите што „кралевите“ ги водеа со францускиот голгетер повеќе од една година. Поради ова, ПСЖ е подготвен да го пушти Мбапе да си замине и за помалку пари, но тоа да не биде во Реал Мадрид.
Во една таква ситуација, француските медиуми јавуваат дека Ливерпул се наоѓа во пол-позиција во трката за оваа фудбалска суперѕвезда. „Црвените“ летово инвестираа 100 милиони евра во нов напаѓач во Дарвин Нуњез, но Јирген Клоп беше заинтересиран за Мбапе во изминатите години и сигурно дека повторно би се вклучил во трката за негов ангажман ако Французинот стане достапен за трансфер. Италијанските гиганти Јувентус, Интер и Милан немаат финансиска моќ за да го доведат Мбапе во своите редови, а како можен ривал на Ливерпул се споменува Манчестер Јунајтед, особено во ситуација кога „црвените ѓаволи“ се подготвуваат за продажба на Кристијано Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА