Италијанската репрезентација пред точно 13 години стигна до својата последна светска круна, откако во финалето славеше над Франција по подобро изведување на пенали. Мечот ќе остане засекогаш запаметен по црвениот картон што Зинедин Зидан го доби за намерно удирање со глава на Марко Матераци, по што во пенал-рулетот Фабио Гросо го постигна пеналот за титула на „аѕурите“.
На одбележување на годишнината од големиот успех, весникот „Кориере дело спорт“ објави сторија за тоа што прават во моментов 23-те фудбалери кои стигнаа до златен медал на Мундијалот во Германија.
Џанлуиџи Буфон е еден од ретките кои се уште е активен во фудбалот, ветеранот потпиша договор со Јувентус. Анџело Перуци сега е тим-менаџер на Лацио, додека Марко Амелија е голман на Вастезе во „Серија Д“. Дефанзивецот Кристијано Закардо се уште игра, и тоа за екипата на Тре Фиори од Сан Марино, додека во тренерски води запловија и Фабио Канаваро (Гвангжу Евергранде), Фабио Гросо, Марко Матераци, Масимо Одо и Алесандро Неста (Фросиноне). Андреа Барѕалји пред неколку месеци му кажа збогум на фудбалот, додека Џанлука Ѕамброта е амбасадор на УЕФА за ЕВРО 2020.
Даниеле де Роси пред еден месец објави дека си заминува од Рома, но ветеранот се уште се нема изјаснето дали ќе ја продолжи кариерата или ќе се пензионира. Џенаро Гатузо летово ја напушти клупата на Милан, а интересна функција има Симоне Перота, кој е потпретседател на Секторот за Младински Фудбал при Италијанската Фудбалска Федерација. Андреа Пирло и Мауро Каморанези по завршената кариера повремено работат како ТВ-коментатори, додека Симоне Бароне е тренер во младинскиот тим на Сасуоло.
Алесандро дел Пјеро има привремен ангажман како ТВ-аналитичар за врвните фудбалски настани, а Алберто Џилардино е тренер во „Серија Ц“, во тимот на Про Верчели. Винченцо Јакинта поврзуван со сицилијанската мафија беше осуден на затворска казна, Филипо Инзаги сега е стратег на Беневенто, додека Лука Тони кратко време по пензионирањето беше спортски директор на Верона, а неодамна доби тренерска лиценца. Големиот ас Франческо Тоти си поднесе оставка од директорската функција во Рома, но се уште размислува дали да ја прифати понудата на Реал Мадрид за преселба во Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА