Кадетите и со нов, четврти, пораз на ЕП – Б дивизија: Немоќни и против БиХ

Машката кадетска репрезентација на Македонија за кошаркари до 16 години нанижа уште еден пораз на Европското првенство – Б Дивизија кое се одржува во Скопје. Во четвртиот натпревар на првенството Македонија загуби од БиХ со 56-61, во нов тврд и неизвесен натпревар до крајот.

Крајно неефикасно се играше во првото полувреме од средбата во СЦ „Јане Сандански“. А во тие „услови“ нешто подобро се снајдоа нашите кадети кои по 20 минути од играта имаа минимално водство (28-26).

По одморот, избраниците на селекторот Нермин Пепиќ, застанаа, му дозволија на противникот да се стекне со солидно водство, кое по три одиграни четвртини изнесуваше осум поени (40-48).

На почетокот на последниот дел, Македонија успеа и да премине во водство, минимално со 51-50 кога поентираше Чучанов.

А потоа следуваше уште еден сериозен пад во играта во нападот. Повеќе од четири минути, оние на одлука, останавме без поентирање од игра. Босанците одново се одвоија, со серија од 10-0 дојдоа на недостижни 51-60, кога останаа 73 секунди до крајот, по што рутински го однесоа натпреварот кон конечен триумф.

А македонскиот кадетски тим го запиша и четвртиот пораз на првенството на кое е во улога на домаќин. Далеку најдобаар поединец во нашата репрезентација беше капитенот Ѓиноски кој реализираше 21 поен, имаше и седум скока, но за жал, беше и единствениот со двоцифрен број на реализации. Кај Босанците се истакна Субашиќ со 17 поени, пет скока и една асистенција, но и две украдени топки и две блокади. Покрај него се истакна Мухамед Бристина со 11 поени, 11 скока, три асистенции, две блокади и две украдени топки.

Во последното петто коло од оваа група „Б“, утре вечер, од 18:30 часот, Македонија ќе игра против Словачка.

МАКЕДОНИЈА – БИХ 56-61 (11-13, 17-13, 12-22, 16-13)

МАКЕДОНИЈА: Ѓиновски 21, Беговски 2, Анѓеловски, Сотир 6, Рајковски 6, Бошковски, Илиев, Божиновски 6, Солев, Чучанов 5, Шабани 8.

БиХ: Јокиќ 6, Рамљак 3, Ковач 6, Субашиќ 17, Махалбашиќ 9, Распудиќ, Елезовиќ, Суљагиќ, Шаќировиќ 2, Бристина 11, Станковиќ 5.

Се вчитува...