Кадетите ја преслушаа Грција за крај на ЕП

Кадетската репрезентација на Македонија го освои 19. место на Европското првенство за ракометари до 16 години што се одржуваше во Црна Гора, откако нашите ракометни надежи славеа на денешниот дуел за пласман против врсниците од Грција со резулат 26-24. Откако пред неколку дена неочекувано загубија од истиот ривал, избраниците на селекторот Танески овојпат одиграа одбрана на ниво, ги затворија приодите кон сопствениот гол и тоа им ја донесе оваа завршна победа на шампионатот.

Македонија беше подобар противник од самиот почеток, поведувајќи со 7-4 во раната фаза на мечот и контролирајќи го резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со три гола предност (12-9). „Црвено-жолтите“ потоа беа доминантни и на стартот од второто полувреме, зголемувајќи ја предноста на уште поубедливи 15-9. Македонија имаше „плус шест“до 20-14, но тогаш дојде до опуштањ во нашите редови што противникот го искористи за да внесе резултатска неизвесност.

Грците на една минуа до крајот дојдоа на само гол-негатива (24-23), но Македонија имаше одговор, постигна два гола во последните два напада преку Матески и Крстевски и стигна до заслужена победа.

Дарко Димовски блескаше во нашиот напад со 11 постигнати погодоци, по два постигнаа Лазов, Крстевски, Поповски, Матески, Насевски и Ристевски, додека голманот Ѓорѓи Николовски имаше 10 одбрани со 37% успешност.

Се вчитува...