Кадетската репрезентација на Македонија не успеа да ја врзе и третата победа во низа на ракометниот мундијал што се одржува во Хрватска, откако нашите млади ракометари попладнево загубија на дуелот со Данска 37-30. Ако во првото коло против Норвешка цел меч им париравме на скандинавските ракометари, овојпат Данска уште во раната фаза наметна силно темпо, успеа резултатски да се одлепи и да ја одржува предноста до самиот крај.
Данците почнаа фуриозно, казнувајќи ја секоја наша грешка во напад што резултираше со лесни погодоци на спротивната страна. По десет минути игра противникот веќе водеше со 4-8, во 16. минута Данска имаше и седум гола предност (6-13), за на одмор да се замине со водство на скандинавската селекција од 12-18. Клучен фактор во овие 30 минути беа огромниот број на загубени топки, вкупно 15 на македонските ракометари.
Агресивната одбрана даде плод само за момент во вториот дел, кога со одлична серија и два гола во празна мрежа на противникот успеавме да намалиме на 20-17 во 36. минута. Сепак, данските ракометари веднаш по комплетирањето заиграа подобро, враќајќи го удобното водство и не дозволувајќи триумфот да им биде доведен во прашање. Македонија намали на 29-25, а во 54. минута дојдовме и до 31-28, со гол, но по данскиот тајмаут следеше нова серија на противничките ракометари, кои на крајот го добија овој меч со поубедлив резултат од заслуженото, со конечни 37-30.
Македонија утре ја очекува настап против Австрија (17.30 часот), директен дуел за освојување на третото место во групата од главната фаза од овој кадетски мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА