Кошаркарската репрезентација на Македонија до 16 години со победа од 63-57 над Белгија го стартуваше настапот на Европското првенство А – дивизија кое се игра во Скопје.
Натпреварот почна во израмнета игра на двете страни. Нашите момчиња ја имаа предноста во текот на целиот прв период, но Белгијците во ниту еден момент не им дадоа да се одлепат, па по десет минути игра Македонија имаше предност од само два поени (20-18).
Белгијците до своето прво водство стигнаа во втората четвртина кога поведоа со 25-26, а во еден момент имаа и плус три (26-29). Сепак, до крајот на втората четвртина „црвено-жолтите“ го вратија водството и на пауза заминаа со позитива од 32-31.
На стартот на третиот период следеше пад на избраниците на Јованчев, а Белгијците стигнаа до најголемата предност од седум поени (38-45). Сепак, тајмаутот на селекторот вроди со плод па нашите момци пред влезот во последната четвртина успеаја да дојдат на само минус еден (46-47).
Таму Македонија одигра неверојатно и со фуриозен финиш успеа да стигне до првиот триумф (63-57) на шампионатот на кој сме домаќини. Доријан Ивановски со 16 поени беше прво име кај Македонија, додека по 13 постигнаа Ивановски и Јаничиќ. Кај поразените единствен на ниво беше Џејден Хоџ, но и неговите 25 поени не беа доволни за триумф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА