Женската кадетска репрезентација на Македонија претрпе пораз од Грција во првото коло од Европското првенство – Б дивизија што се одржува во Истанбул, со резултат 47-76. „Црвено-жолтите“ одиграа квалитетна прва четвртина во која целосно му парираа на фаворитот, но не го издржаа темпото, а грчкиот состав знаеше како да го искористи тоа и да стигне до убедлива победа.
Првите десет минути минаа во израмнета игра, Македонија на почетокот од 9. минута имаа предност од 15-13, но Грција ја заврши четвртината со минимално водство од 15-17. Тоа беше најава за подобра игра на противничките во вториот период што го добија со 22-10, на одмор заминувајќи со предност од 41-27. Победникот беше практично решен, а нашите млади кошаркарки не само што не успеаја да ја намалат негативата, туку и истата до крајот беше зголемена се до конечните „минус 29“.
Пишлевска со 10 поени беше најефикасна во нашиот табор, девет постигна Начевска, а со осум поени овој натпревар го заврши Вања Милосављевиќ.
Македонија следниот меч на овој шампионат го игра в петок, кога со почеток во 12 часот ќе се сретне со селекцијата на Бугарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

