Женската кадетска репрезентација на Македонија претрпе уште еден пораз на Европското Првенство, овојпат од селекцијата на Норвешка со резултат 21-32, како дел од разигрувањето за пласман од деветто до шеснаесетто место. По убедливите порази од Франција, Црна Гора и од Романија во групната фаза, нашите млади ракометарки овојпат успеаја да парираат дваесетина минути, но не успеаја да го издржат темпото кое го наметнаа Норвежанките.
Во голем дел од првото полувреме резултатот беше израмнет, откако Македонија не дозволуваше скандинавската селекција да влезе во подолга серија и да се одлепи резултатски. „Црвено-жолтите“ парираа се до 9-9, кога Норвешка успеа да постигне три гола во низа, а потоа и да замине на одмор со предност од 11-15. Македонија потоа одлично парираше и на стартот од вториот дел, намалувајќи на 17-19, но потоа Норвешка со серија од пет гола целосно се одлепи и практично го реши прашањето на победникот, славејќи на крајот со двоцифрени 21-32.
Македонија во следното коло од разигрувањето за пласман ќе се сретне со селекцијата на Португалија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА