Рикардо Кака емотивно го доживеа својот последен натпревар во дресот на Орландо сити, тим за кој настапуваше уште од 2014 година. Бразилскиот генијалец објави дека ја напушта МЛС-лигата, а заедно со него солзи на синоќешниот дуел со Колумбус пуштија и илјадници фанови на Орландо, свесни дека за последен пат го гледаат овој фудбалски велемајстор во дресот на својот клуб.
„Ова е посебен ден за мене, цел ден размислував за сето она што го доживеав во претходните три години. Денеска можам на сите да ви речам „Благодарам“ и дек многу ќе ми недостигате. Засекогаш ќе бидам еден од вас“ – им порача Кака на навивачите на клубот од Флорида.
Се уште е нејасно кој ќе биде следниот чекор во кариерата на Бразилецот, кој најверојатно ќе се врати да одигра една сезона во татковината, пред и дефинитивно да му каже збогум на фудбалот.
Рикардо Кака е еден од само четирите фудбалери во историјата кои ја освоиле Златната топка, но исто така триумфирале и на еден фудбалски мундијал и во Лигата на шампионите. Тој својата кариера ја почна во Сао Пауло, а во Европа осум години го носеше дресот на Милан и четири сезони беше член на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА