Ламин Јамал штотуку стана полнолетен, а „бисерот“ на Барселона веќе важи за еден од најдобрите фудбалери на денешницата, импресионирајќи како во дресот на каталонскиот гигант така и како еден од лидерите на шпанската репрезентација со која веќе го крена и пехарот нна еден европски шампионат.
Ситуацијата сигурно би можела да биде многу поразлична ако во 2022 година се реализираше речиси договорениот трансфер, со кој 15-годишниот Ламин требаше да потпише за Баерн Минхен.
Спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ и техничкиот директор Марко Непе тогаш отпатуваа за Барселона за да го следат Гави, но експресно во очи им падна и неверојатниот крилен офанзивец кој доминираше во сите младински категории. Барса тогаш почна со огромните финансиски проблеми, а Баерн беше подготвен да го искористи тоа, договарајќи го трансферот со неговиот агент Иван де ла Пења.
Се се чинеше готово, но во „пет до дванаесет“ на сцена стапи супер-агентот Жорге Мендеш, кој го препозан потенцијалот на 15-годишното момче и потпиша договор со кој стана негов застапник. Мендеш експресно ги промени условите во преговорите, барајќи пет милиони евра бонус за потпис, што потоа ќе ги поделеа тој и семејството на Ламин.
Во Баерн почнаа да се сомневаат во исправноста на овој трансфер што го оценија како прескап за дете од 15 години кое до тој момент немаше заиграно сениорски фудбал. Така, Јамал остана во Барса, една година подоцна заигра за А-тимот, а сега на 18 години е суперѕвезда од светски калибар.
Останувањето на „Камп Ноу“ се покажа како најдобар можен потег за шпанскиот тинејџер, а во Баерн имаат за што да жалат…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

