Како без Пандев, Елмас и Несторовски: ФФМ бара одложување на мечот со Косово

Фудбалската Федерација на Македонија ќе испрати барање до УЕФА за да биде одложен бараж-дуелот од Лигата на Нации што нашиот национален тим на 26 март треба да го игра против Косово. Со најновите мерки изречени од Владата на РСМ веќе е јасно дека овој меч ќе се игра без присуство на гледачи, но уште поголем проблем претставува препораката за задолжителна изолација на сите кои доаѓаат од високо ризични подрачја во Европа.

Италија е главно „жариште“ во моментов, а Македонија има тројца клучни фудбалери кои настапуваат на Апенинскиот полуостров, капитенот Горан Пандев, суперталентот Елиф Елмас и голгетерот Илија Несторовски. Доколку и за нив важи правилото за 14-дневна изолација, нема никакви шанси тројцата да настапат против Косово, со што значително би биле намалени шансите за успех на македонската репрезентација.

Од македонската куќа на фудбалот веќе најавија дека ќе испратат барање до УЕФА, кое се очекува да биде поддржано и од Косово, со оглед на фактот дека и оваа репрезентација има фудбалери од Швајцарија и Италија, кои не би можеле да настапат на мечот во Скопје.

Сличен сигурно ќе биде проблемот и со останатите баражи што треба да се играат ширум Европа, па останува да се види каква ќе биде реакцијата на европската куќа на фудбалот, која најверојатно ќе донесе една одлука која ќе се важи за сите натпревари (одложување, или пак играње во првично утврдениот термин).

Се вчитува...