„Како да го запреме Јокиќ… па најдобро е да го киднапираме од дома“

Лос Анџелес лејкерс ќе излезе на мегдан против Денвер нагетс во финалето на Западната конференција, а рецептот за успех на лејкерси е повеќе од јасен „Запри го Никола Јокиќ“. Само што, тоа е многу полесно да се каже отколку навистина да се направи, српскиот центар има просек од 30,7 поени, 12,8 скокови и 9,7 асистенции во плејофот, па „езерџиите“ се свесни колку сериозен ќе биде предизвикот во оваа финална серија.

„Како најдобро да го запреме Никола Јокиќ? Па најдобро би било да го фатиме кога ќе излегува од дома и да го киднапираме. Тоа би било најдобро за нас“, се пошегува Дервин Хем, кој потоа даде и сериозен одговор на прашањето: Сите знаеме колку е извонреден Јокиќ, ќе мораме да комбинираме во одбраната. Јасно е, Дејвис ќе почне во одбраната на него, но ќе имаме уште неколку момци кои ќе бидат тука со истата задача. Едноставно, ќе сториме се за да го исфрлиме од баланс, да направиме да не се чувствува комотно во рекетот“, изјави Хем.

Првата ѕвезда на ЛА лејкерс, Леброн Џејмс, со голем респект гледа на Јокиќ и на целокупниот тим на Денвер, предупредувајќи дека оваа екипа е многу поквалитетна од онаа што лејкерси рутински ја елиминираа во плејофот пред три години.

„Тие се поискусни, на секој натпревар, на секои тимски подготовки, растеш како екипа, Денвер е најдобар доказ за тоа. Одиме во ова финале полни со респект за нашиот противник, што неслучајно беше прв во Западната конференција сезонава. Играат извонредна кошарка, сите добро знаат каква динамика носи Јокиќ секогаш кога е на теренот“, истакна Леброн Џејмс.

Се вчитува...