Како да го запрете Роналдо… не ја „шишајте“ тревата на стадионот

Кристијано Роналдо e вистинска напаст за противничките дефанзивци, но неговиот поранешен соиграч Гери Невил откри како пронашол начин да го неутрализира португалскиот ас.

Двајцата играа заедно во Манчестер Јунајтед, но Роналдо потоа се пресели во Реал Мадрид, а Невил по завршувањето на кариерата доби шанса на клупата на Валенсија. Кога дојде ред „кралевите“ да гостуваат на „Месталја“, Невил даде наредба – во деновите пред натпреварот да не се „шиша“ тревата на стадионот на Валенсија.

„Решивме да ја оставиме тревата да биде подолга од вообичаено. Тоа му пречеше на Роналдо, знаеше дека нема да може да дрибла како вообичаено. Кристијано самиот ми пријде пред мечот и ми рече: Ова е срамота, скратете ја тревата. Му одговорив дека нема шанси да го направиме тоа. Му ги лимитиравме способностите, а згора на тоа успеавме да му влеземе во глава, да го исфрлиме од ритам“, истакна Невил.

Тој натпревар заврши без победник, 2-2, а Роналдо не само што не се запиша меѓу стрелците, туку и го одигра еден од најслабите натпревари во сезоната.

Се вчитува...