Како Докузовски го мотивираше Рајковиќ за легендарната титула на Работнички во 1999 година: „Ко..љ ако те ставам вечер ќе дадеш две-три тројки?“

Во најновиот „ПРЕСИНГ“, специјализираниот спортски подкаст на ЕКИПА, најголемото кошаркарско тренерско име на Македонија – Емил Рајковиќ, меѓу другото, се потсети и на неговиот легендарен натпревар за Работнички кога сам ја реши мајсторката за шампионската титула против МЗТ Скопје во 1999 година и го донесе тимот од Градски парк до седмата едноподруго титула во Македонија.

Стратегот кој како тренер го предводеше кормилото на еден европски гигант како што е ЦСКА Москва, откако претходно имаше успешни тренерски авантури и во Автодор, Астана, во полските прволигаши Шљонск и Стал…, се потсети на една анегдота токму за тој натпревар меѓу него и тогашниот тренер на Работнички и поранешен македонски селектор, Марин Докузовски.

„Ќе споделам една анегдота која досега не е позната во јавноста. Игор Михајловски се повреди токму пред таа мајсторка, па некако се навестуваше дека ќе добијам поголема минутажа на мечот за титула. А МЗТ имаше страшен тим со Џоле Војновиќ, Дејан Јовановски, Блажевски, Књазев, Димов, Американецот Џонсон. Извонреден тим. Но, ние низ еден променлив период со Врбица Стефанов како единствено водечки кошаркар некако дојдовме до финале. И, во финалната серија беше 2-2, а одлучувачкиот меч за титула го игравме во “Јане Сандански“. Тренерот Марин Докузовски имаше обичај на денот на мечот да не однесе на заедничка прошетка низ паркот, кај нас во Градски Парк, за да поразговараме, да се опуштиме… И во еден момент онака, секогаш шеговито, разговорно, како што знаеше тој, ми се обрати: ‘Ко..љ ако те ставам вечер, ќе дадеш две-три тројки? А, јас, бев многу самоуверен: ‘Пет ќе дадам’. На тој начин сакаше да ми навести дека ќе имам поголема минутажа. Јас максимално психолошки се подготвив за тоа, и на крајот ете постигнав пет тројки кои ја донесоа титулата“ – се потсетува Рајковиќ низ смеа.

И на тој натпревар кој ја одлучи титулата во 1999 година, Емил Рајковиќ беше најдобриот поединец на паркетот со 21 постигнат поен и пет тројки, од кои три во последните две минути за триумф на Работнички.

КОМПЛЕТНИОТ ПОДКАСТ СО ЕМИЛ РАЈКОВИЌ И МАРЈАН ИЛИЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК:

Се вчитува...