Како Ескобар во 1994 – закани по живот за колумбиските трагичари

Колумбиските фудбалери се во шок по елиминацијата од Англија, а најголемите трагичари Карлос Бака и Матеус Урибе треба и да стравуваат за своите животи по смртните закани што ги добија во татковината.

„Не враќајте се дома… мртви сте… подобро самите да се убиете“ – се само дел од заканите што пристигнаа на профилите на социјалните мрежи на двајцата фудбалери, кои ги промашија четвртиот и петтиот пенал за Колумбија, за елиминација на оваа јужноамериканска селекција од СП 2018.

Полицијата најави дека ќе покрене истрага за целиот случај, но во земја во која криминалот веќе подолго време има земено замав прашање е колку таквата истрага ќе вроди со плод. Јавноста потсетува на случајот со убиството на Андрес Ескобар по СП 1994. Ескобар тогаш беше трагичар постигнувајќи си автогол на дуелот со САД, што значеше и елиминација на Колумбија од мундијалот. Тогашниот селектор Матурана го предупреди фудбалерот да биде внимателен по враќањето во Колумбија, по што Ескобар му одговорил: Морам да си го покажам лицето пред својот народ.

Неколку дена подоцна тој беше убиен во родниот град Меделин, кога во дискотека во него беа истрелани шест куршуми, а девојката Памела Каскарадо потоа сведочеше дека убиецот по пукањето врискал „Гоооол“ во стилот на колумбиските спортски коментатори.

Останува надежта дека трагедијата нема да се повтори и годинава со Бака и со Урибе.

Се вчитува...