Како Халанд стана „ѕвер“: Седум дена не даде гол на тренинг, а потоа…

Ерлинг Халанд е нова „ѕвезда“ на светскиот фудбал, но неговиот поранешен соиграч од Молде, Рубен Габриелсен, открива дека норвешкиот голгетер воошто не делувал како „чудо од дете“ кога дошол во овој клуб. Халанд беше приклучен на првата екипа на 17 години и шест месеци, три месеци подоцна го постигна првиот погодок за Молде, а во првите 20 средби постигна четири гола, два од нив на куп-средба против норвешки нисколигаш.

„Кога дојде, воопшто не беше висок. Беше ситно момче, не премногу добро со топката. Помислив: ОК, ако работи напорно ќе биде доволно добар за нашата лига. А потоа се разболе, па се повреди и извесно време не доаѓаше на тренинзи. Минаа неколку месеци, а кога се врати – беше ОГРОМЕН“, се потсетува Габриелсен.

Тој се уште не беше убеден во квалитетите на Халанд, па токму затоа беше изненаден кога тренерот Оле Гунар Солскјер реши да го уфрли 17-годишниот тинејџер во стартниот тим на гостувањето против лидерот на табелата, Бран.

„Цела недела немаше дадено ниту еден гол на тренинг. Ниту еден. Сите му се смеевме. Кога тренерот реши тој да почне, сите се потсмевавме кога зборувавме еден со друг. А тогаш…“, вели поранешниот фудбалер на Молде.

А тогаш малиот Ерлинг блесна за првпат на фудбалската сцена, за 11 минути му даде хет-трик на лидерот, а во рок од 21 минути постигна четири погодоци.

„Тој 1 јули 2018 година научи важна лекција, дека напорната работа ќе ти се исплати ако навистина даваш се од себе. И останатите млади фудбалери можат да го научат истото, но не го прават тоа“, вели Габриелсен.

 Се останато е историја… следеше трансфер во Салцбург, каде Халанд со леснотија ги решеташе противничките мрежи, за неговите услуги се интересираше половина Европа, а Ерлинг ја избра Борусија Дортмунд за следна дестинација во кариерата. И во дресот на „милионерите“ има извонреден старт на авантурата, па само прашање на време е кога ова „чудо од дете“ на европскиот фудбал ќе заврши во некој од најголемите клубови на Стариот Континент.

Се вчитува...