Баерн Минхен е на добар пат да освои нова титула во Бундес-лигата, но управата на клубот е решена да направи ремонт во играчкиот кадар, се со цел да биде составен тим што од наредната сезона многу посериозно ќе се бори за трофејот во Лигата на шампионите. Во изминатиот период многу се шпекулира со тренерски имиња, но последните информации велат дека Хенес и Румениге ќе го остават Нико Ковач, кој лани немаше премногу пари за трошење, па сега ќе добие можност да формира екипа по своја желба за да атакува на тронот на Европа.
Ветераните на крилните позиции, Франк Рибери и Арјен Робен, објавија дека си заминуваат од „Алијанц арена“, а по нивните стапки ќе тргнат и Хамес Родригез, кому нема да му биде откупен договорот со Реал, како и десниот бек Рафиња, кој ќе си замине како слободен играч. Еден од Боатенг или Хумелс сигурно ќе биде продаден со оглед на најавениот ремонт на одбранбената линија, а доколку се добие интересна понуда достапен за трансфер ќе биде и Давид Алаба. Истото се однесува и на Томас Милер, кој не се снаоѓа најдобро во тактичките замисли на тренерот Ковач.
Веќе е договорено доаѓањето на двајца француски дефанзвици, Павар од Штутгарт и Ернандез од Атлетико Мадрид. Лирој Сане од Манчестер Сити би бил „џек-пот“ како наследник на Рибери, а план Б е Хрватот Анте Ребиќ, со кого тренерот Ковач имаше беспрекорна соработка во Ајнтрахт. Главна желба на десно крило останува младиот Хадсон Одои од Челси, но тешко е да се поверува дека лондонскиот клуб ќе се согласи да го продаде во ситуација кога има забрана за трансфери и нема да може да доведе адекватна замена. Баерн беше споменуван и како опција за Николас Пепе, но овој трансфер пропадна откако Лил побара 70 милиони евра за својот најдобар фудбалер.
Дефинитивно ќе биде доведен и нов напаѓач кој би ја засилил конкуренцијата за Роберт Левандовски. Приоритет останува Тимо Вернер од Лајпциг, но доколку клубовите не се договорат околу отштетата Баерн ќе чека да го доведе како слободен играч во 2020 година, а во меѓувреме ќе биде разгледувана опција за ангажман на врвен напаѓач на едногодишна позајмица.
Се разгледува и можноста да биде ангажиран нов голман, во ситуација кога Нојер повторно се мачи со повреди. Прва желба е 22-годишниот голман на Шалке, Александар Нојбел, кој има договор до 2020 и е достапен за сума од 15 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА