Црвена Звезда ја загуби титулата од Партизан, а со тоа и загарантираното место во Евролигата што традиционално му припаѓа на АБА-шампионот. „Црвено-белите“ ќе мора да почекаат да видат дали со вајлд-карта повторно ќе бидат дел од елитното европско натпреварување, но паралелно со тоа и да го состават тимот за наредната сезона, кој дефинитивно ќе биде сериозно изменет во однос на овој шампионат.
Душко Ивановиќ се уште е под договор и речиси сигурно е дека искусниот стратег ќе остане на чело на Црвена Звезда и во наредната сезона. Од стартната петорка се очекува да остане само Немања Недовиќ, ако се знае дека Вилдоса е веќе договорен со Панатинаикос, додека Кампацо е пред враќање во Реал Мадрид. Нема да бидат продолжени ниту договорите со странците Бентил и Хасан Мартин, ветеранот Стефан Марковиќ веќе објави крај на кариерата, Добриќ е пред преселба во Виртус Болоња, додека за Филип Петрушев сериозен интерес владее од НБА-лигата, и тоа од тимот на Филаделфија.
Премногу квалитетни кошаркари кои ќе мора да бидат соодветно заменети, како јасен знак дека управата ја чека многу работа летово. Најзвучно име што досега беше споменувано е Никола Миротиќ од Барселона, а Ивановиќ повторно ќе се обиде во тимот да го донесе и италијанскиот репрезентативец Полонара, кој неодамна го раскина договорот со Жалгирис. За плејмејкерската позиција најавени се преговори со Винстон од Баерн Минхен и со Париз Ли од Панатинаикос… па дефинитивно интересно ќе биде да се види кои од овие трансфери ќе се реализираат и како ќе изгледа тимот на Црвена Звезда во наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА