Како Лино го реши Тунис: „Седум на шест“, многу трчање… и Кире Лазаров

mec baner

Македонија тргна триумфално на мундијалот во Франција, откако во одличен меч со многу пресврти покажа сила и карактер и го натера на капитулација Тунис, со истиот оној состав со кој африканскиот вицепрвак пред половина година лесно ги декласираше „црвено-жолтите“ во Гдањск. Лино Червар најавуваше многу промени во играта на „Новата Македонија“ и првиот експеримент се покажа како успешен, а ова се трите клучни фактори кои ја донесоа големата победа што широко ја отвора вратата кон осминафиналето.

НАПАД „СЕДУМ НА ШЕСТ“

Хрватскиот селектор Жељко Бабиќ имаше оригинална изјава пред ова СП: Ако играме „шест на шест“, немаме шанси да станеме светски прваци. Со „седум на шест“ – можеби. Ист беше ставот и на Червар, добро познавајќи го играчкиот кадар што го има на располагање. Со „шест на шест“ многу потешко ќе се разбиеше гранитната одбрана на Тунис, додека со играч повеќе многу лесно стигнувавме до позиција за гол. Многу важно е што го добивме Столе Стоилов, големиот борец доби малку повеќе простор со „партнер на линијата“, па знаеше како да го претвори тоа во погодоци, седум за него на отворањето на мундијалот. Македонија играше шаренолико, се создаваа позиции и за бекови, пикери и крила, па го завршивме мечот со 34 постигнати погодоци. Простор за напредок секогаш има, а јасно е дека „црвено-жолтите“ допрва ќе го усовршуваат овој експеримент кој „од прва“ вроди со плод.

ФИЗИЧКА И ПСИХОЛОШКА ПОДГОТВЕНОСТ

Ракометарите во неформалните разговори се жалеа од пеколните подготовки во Маврово, но пред Червар молчеа, свесни дека Хрватот многу добро знае што е потребно за да се стигне до успех на големите натпреварувања. Физичката подготвеност ни е на извонредно ниво и тоа е една од причините за синоќешниот триумф. Тунис имаше моменти на осцилација, а во самиот финиш дојде и до тотален пад на концентрацијата на противникот. Од друга страна, Македонија одигра извонредно зрело, па дури и во моментите кога губеше со „минус четири“ во второто полувреме не отстапи од стилот на игра што го диктираше од почетокот. Се чекаа петте минути на слабост на Тунис, а кога тие дојдоа нашите ракометари беа полетни и експресно го свртеа резултатот во наша полза. Точно е, имаше и исклучувања на Тунис, но сите тие беа заслужени, во моментите на немоќ на противничките ракометари да го запрат налетот на Македонија. Нашиот национален тим покажа физички надмоќ во однос на противникот како што последен пат го стори пред две години на СП во Катар, но и психолошка подготвеност да не се „распадне“ кога ќе се најде пред сериозно искушение.

КОЈ ДРУГ, АКО НЕ КИРЕ ЛАЗАРОВ

Кире Лазаров потсети на своите најдобри настапи во репрезентативниот дрес, одигрувајќи го својот најдобар меч на последните неколку големи натпреварувања. Го заврши мечот со 12 погодоци, но многу поважен од самата бројка е начинот на кој Лазаров како вистински лидер ја одведе Македонија до победата. Не беа само головите, туку и бројните додавања до крило или пивот, со кои капитенот придонесе сите линии во тимот да функционираат беспрекоено. Кога на останатите не им одеше, на стартот од вториот дел само тој ја преземаше одговорноста и со неколку гола спречи противникот целосно да се одлепи, а во финишот не форсираше, туку маестрално се вклопи во силниот колектив на кој селекторот инсистира.

Се вчитува...