Како падна фудбалскиот бог: Мафијата го плаќаше со кокаин, па потоа му го сврте грбот

Еден од најголемите фудбалери во историјата, според многумина и најголемиот, Диего Армандо Марадона почина на 60-годишна возраст од срцев удар во својот дом во Аргентина откако на 3. ноември оперираше хематом во мозокот.

Смртта на Диего е ударната вест во светот кој остана шокиран, иако и свесен дека Марадона десеттици години живееше на работ на црвената линија. На мајсторот на фудбалската топка, животот му избега од раце уште во времето додека беше и активен фудбалер.

Неговото доаѓање во Наполи беше светска сензација. Малиот клуб од југот, кој не бил сериозно третиран од никого во Италија, го донесе најдобриот и најскапиот фудбалер во светот за десет милиони долари. Во тоа време огромна сума. На сите им беше јасно дека Наполи нема толку пари за еден фудбалер, и дека Марадона во Неапол го донесе најстарата италијанска мафијашка организација, „Гамора“.

На „Сан Паоло“ во 1984 година го дочекаа 86.000 навивачи, и никој не можеше да претпостави дека осум години потоа Марадона практично ќе побегне од градот. Играше брилијантно во Наполи, но престојот на југот од Италија го „затру“ со втората негова најголема љубов по фудбалот – кокаинот. Одеднаш се најде „рака под рака“ со луѓето кои всушност го поседуваа кокаинот и кои му го сервираа во неограничени количества.

Надвор од теренот, на кој, пак, на Наполи му донесе две шампионски титули и Куп на УЕФА, Марадона водеше живот под дрога од денес за утре. Беше свесен за злото под кое е подпаднат, но не можеше ништо.

„Кога сум на терен, живото исчезнува. Проблемите исчезнуваат. Се исчезнува, и се чувствувам слободен“ – знаеше да каже Марадона.

Но, проблемите на Диего не исчезнуваа. Мафијата му помагаше додека и одговораше, а потоа истата таа мафија во 1990 година му го сврте грбот за време на Светското првенство 1990 на кое Италија беше домаќин.

Аргентина е во полуфиналето, и тоа против Италија игра во Неапол. Марадона мислејќи дека навистина е бог во Неапол, апелираше Италијанците да навиваат за Аргентина, која на пенали ја победи потоа Италија. Но, со тој потег го навлече гневот на Италијанците и на мафијата која дотогаш постојано му го чуваше грбот. Случајно или не, во април 1991 година беше позитивен на кокаин и доби 15 месеци суспензија. Веднаш потоа во Буенос Аирес беше фатен со дури половина килограм кокаин, и повеќе никогаш не се врати во Италија.

На СП во САД, како фудбалер на Севилја, одигра само два натпревари за Аргентина во групата, но по дуелот со Нигерија повторно беше позитивен и испратен дома. Три години подоцна, додека играше за Бока јуниорс, Марадона повторно падна на допинг тест што беше конечен крај на неговата кариера.

„Дрогата е насекаде околу нас. Не сакам децата да ја земаат. Имам две ќерки и најдобро е како одговорен татко да го кажам ова – јас сум бил, сум и секогаш ќе бидам зависник од дрогите. За жал тоа е вистината, но сакам сите да знаат дека тоа е најголемото зло на денешницата“ – изјави тогаш Марадона.

Но, откако престана да игра неговото здравје се подраматично се нарушуваше. Во 2000 година речиси и да умре од предозирање, четири години подоцна имаше и два срцеви удари, една година после тоа му беше вграден бајпас а во 2007 година беше хоспитализиран поради хепатитис. Многу од лекарските стручњаци беа вчудоневидени како неговото тело издржува по 34 години користење кокаин. Но, фудбалскиот бог живееше, се до вчера кога го растажи светот со тивката и мирна смрт во својот дом во Аргентина.

Се вчитува...