МЗТ Скопје со пораз го заврши овосезонскиот настап во АБА-лигата, откако македонскиот првак загуби уште еден домашен натпревар, овојпат против составот на Морнар со резултат 63-69. Фактот дека овој меч немаше поголемо значење и за двата тима никако не смее да биде изговор за Анте Назор и неговите избраници, кои одиграа уште еден потпросечен натпревар, на ниво кое не доликува на силното регионално натпреварување. Назор им даде шанса на речиси сите кошаркари во ростерот, но слично како и на претходниот домашен меч со Игокеа, повторно се играше недоволно фокусирано во одбраната и неодговорно во нападот, што придонесе македонскиот првак да претрпи нов пораз. Така, „металците“ со скор од осум победи и дури осумнаесет порази ја завршуваат сезоната во АБА на претпоследното место, бегајќи од „фенерот“ само поради подобриот меѓусебен скор во пресметката со Крка.
Првото полувреме мина во израмнета битка, по почетните 3-7 за Морнар кошаркарите на МЗТ експресно се вратија, двата тима се менуваа во водство, за стартната четвртина да заврши со 16-18. Во ист ритам се продолжи и во вториот период од натпреварот, за „металците“ по водството од 30-28 преку Скот во следните четири минути да постигнат само еден поен до крајот на полувремето. Гостите го искористија тоа, па најмногу благодарение на Бакиќ, кој пред неколку сезони настапуваше за „металците“, а сега го носи дресот на Морнар (31-35).
Фуриозниот финиш на првото полувреме на гостите беше најава за добар почеток на третата четвртина, во која веќе во 24. минута резултатот гласеше 34-44, со новата тројка на Бакиќ. Негативата на МЗТ Скопје набрзо стигна и до 15 поени, а Морнар ја одржуваше предноста се до финишот од натпреварот, кога македонскиот состав со тројката (плус слободно фрлање) на Марко Симоновски дојдоа на само пет поени разлика. „Металците“ на минута до крајот дојдоа и на два поени (63-65) со тројката на Дреновац, но Велер го реализираше следниот напад на црногорскиот состав, кој на крајот заслужено славеше со 63-69.
Дреновац со 21 поен беше единствениот кошаркар со двоцифрен ефект кај „сино-белите“, додека Лалиќ, Клоф и Симоновски постигнаа по девет поени на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА