Ова е дуел во кој нема што да се загуби, а македонските ракометари најавуваат дека ќе дадат се од себе за да ја совладаат селекцијата со која пред една година ремизираа во Краков. И нашата и норвешката селекција се значително променети во однос на тој натпревар, но рецептот кога Македонија игра против скандинавските репрезентации останува ист – со бавна игра да се исфрли од ритам противникот.
1. Трпение во нападот
Дека ќе играме „седум на шест“ речиси цел натпревар веќе не е никаква тајна, а Лино Червар уште еднаш го посочи клучот на ваквата игра во офанзива – трпението. Во овој систем на игра, во кој ризикот е огромен, најважно од се е да се внимава на намалување на загубените топки, кои противникот лесно ги казнува со голови во празна мрежа.
На Норвежаните им одговара брза игра, веќе најавија и дека „ќе се обидат да ја изморат Македонија“, па токму затоа нашиот рецепт е оној спротивниот – да направиме мечот да тече што побавно, да се намалат бројот на напади и да се натера противникот да игра позиционо, наместо да се заканува со контри и полуконтри. Против Тунис и Исланд постигнавме бројни погодоци под закана за пасивен напад, ако го повториме истото и со Норвешка шансите за успех значително ќе ни се зголемат.
2. Сагосен мора да се неутрализира
Сите работи во играта на Норвешка се вртат околу Сандер Сагосен, 21-годишниот член на Алборг кој веќе има договор за следната сезона да се пресели во ПСЖ. Тој постигна 26 погодоци на овој мундијал (еден помалку од најдобриот стрелец Кристијан Бјорнсен) и не го краси преголема прецизност во ударите (шутира со само 53% успешност), но затоа беспрекорно ја организира играта на својата селекција, беспрекорно разигрувајќи ги сите свои соиграчи во текот на натпреварот. Впрочем, со просекот од пет асистенции по натпревар Сагосен е трет асистент досега на мундијалот, пред Карабатиќ и Лазаров.
3. Што помалку простор за Мирхол
Норвежаните играат исклучително добро во сите линии, но многу значаен дел од нивната игра се акциите на нивниот пивот Бјарте Мирхол, кој пред десетина години со нашиот Кире Лазаров настапуваше во дресот на Веспрем. Станува збор за играч кој физички не делува моќно како врвните пивоти од калиброт на Агинагалде, но кој извонредно се снаоѓа на линијата кога и да добие употреблива топка. На досегашните пет натпревари постигна 23 погодоци со само шест промашувања и бројни изнудени пенали.
Македонија досега на овој мундијал од пивотите се мачеше само со Теж, кој даде седум гола за Тунис на отворањето на Светското Првенство. Во меѓувреме против нашата одбрана не се изнаиграа Гвардиола (еден гол), Агинагалде (ниту еден), Матеј Габер, Арнарсон и Гунарсон, па сега останува во ист стил да се неутрализира и Мирхол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА