Рафиња е прва виолина на Барселона оваа сезона, откако Бразилецот веќе нанижа 27 гола и 20 асистенции севкупно во сите натпреварувања.
Крилниот офанзивец блеска во дресот на каталонскиот гигант, а најзаслужен за тоа е тренерот Ханси Флик, кој успеа да го извлече најдоброто од поранешниот ас на Лидс Јунајтед. Рафиња имаше потпросечна прва сезона во Барса под водство на Чави, тој беше многу блиску до заминување, но се се промени со доаѓањето на Флик на кормилото.
Бразилецот во интервју дадено во татковината се потсети и на случката од минатото лето, која според него беше пресудна за работите да тргнат на добро.
„Секој ден бев по медиумите, со нова дестинација каде ќе се преселам откако ќе заминам од Барселона. Тоа е психологија, на крајот почнав сериозно да размислувам за тоа. Разгледував опции, но по Копа Америка добив телефонски повик од Флик, ми рече да дојдам на подготовки пред да донесам било каква одлука. Сакаше да разговараме, да ми објасни дека сериозно смета на мене. Се сеќавам како и реков на сопругата: Ако е чесен тип – ќе види каков пристап имам на тренинзите и веднаш ќе има високо мислење за мене. Му давам седум дена да ме засака како играч, а потоа јас ќе сторам се за тој да не се покае што верувал во мене. Од сегашна перспектива, и тој и јас направивме вистински избор“, истакна Рафиња.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА