Трката за место кое води во Лигата на Шампионите во Серија А стана уште поинтересна откако Јувентус ги доби назад одземените 15 бода. Со ваквиот развој на настаните, „старата дама“ се наоѓа во одлична позиција да заврши пред дел од ривалите и со самото тоа да обезбеди место во ЛШ за наредната натпреварувачка сезона.
Наполи останува убедливо прв со 75 бода, Лацио има 61 на своето салдо, а Јувентус со враќањето на бодовите сега има 59, за пласман на третото место на ревидираната табела на Калчо-лигата. Рома е четвртопласирана со 56 бода, а Јувентус има огромни шест бода предност во однос на Милан на петтата позиција (53) и дури „плус осум“ во однос на Интер, кој е шестопласиран во моментов.
Италијанските медиуми најавуваат ново судење против Јувентус, но се очекува истото да трае околу два месеци, што значи дека пресудата би следела по завршувањето на сезонава и истата би морала да се однесува на одземање на бодови за наредната сезона, што го остава Јувентус во пол-позиција за место во Лигата на Шампионите.
Сепак, и тоа би можело да се промени доколку УЕФА врз основа на новата пресуда против „старата дама“ реши да го санкционира најтрофејниот италијански клуб со суспензија од европските натпреварувања. Првата рунда е добиена, но челниците на Јувентус ги очекуваат уште многу битки за обелување на образот на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА