Килијан Мбапе и ПСЖ речиси цело лето водеа жестока војна откако францускиот голгетер јавно објави дека нема да потпише нов договор со клубот, туку ќе остане до јуни 2024 и потоа како слободен играч ќе си замине од „Паркот на принцовите“. ПСЖ се обиде да го продаде во Саудиска Арабија, но Мбапе не сакаше ни да се сретне со челниците на арапскиот клуб, дополнително навлекувајќи го бесот на челниците на клубот, кои го отстранија од тренинзите и натпреварите во текот на подготвителнито период.
Одеднаш, целата тензија се смири, Мбапе се врати во екипата и е прв стрелец на ПСЖ, а Ал Келаифи дури и јавно го пофали напаѓачот како „врвен професионалец и лидер на екипата што никогаш не била посложна“.
Пресвртот беше сосема неочекуван, а француските медиуми обелоденуваат во што е тајната на новонастанатата ситуација. Очекувано, станува збор за пари – поточно за 80 милиони евра од кои Мбапе се откажал за да се врати во тимот на ПСЖ и да ја мине оваа сезона на терен, наместо да остане изолиран од првата екипа. Станува збор за сума што напаѓачот требаше да ја добие како „бонус за лојалност“ што ќе ја мине и втората година во Париз од двогодишниот договор што го потпиша со клубот минатото лето.
Откажаниот трансфер во Саудиска Арабија и решеноста да си замине бесплатно е далеку од дефиниција за лојалност, па по долги разговори двете страни нашле заеднички јазик – ПСЖ да намали значаен дел од трошоците, а Мбапе да се откаже од тие пари, но да биде стандарден на теренот и потоа следното лето како слободен играч со богат бонус за потпис да се пресели во Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА