Како што веќе беше објавено во текот на вчерашниот ден, Академија Пандев згаснува како име и клуб од македонската фудбалска карта, по одигрувањето на интернационалните натпревари во Конференциската лига ова лето.
Од следната сезона, Академија Пандев ја отстапува прволигашката лиценца на својот постар струмички „брат“, Беласица, откако двата клуба се договорија за еден вид заедничко функционирање во иднина.
Веќе извесен период македонската фудбалска јавност е запознаена со разговорите за спојување на двата клуба, поради финансиската неможност на најдобриот македонски фудбалер во историјата, Горан Пандев самостојно да го одржува клубот на највисоко ниво. Сето тоа доведе сега и до официјално предавање на прволигашката лиценца на Беласица која следната сезона ќе се натпреварува во Првата лига.
„Во 1922 година беше формирана струмичката гордост ФК Беласица, еден од најстарите спортски брендови во државата. По тој повод, на 31. јули Ве покануваме заедно да го прославиме и одбележеме овој голем настан, во вечерен термин под рефлектори на стадионот “Благој Истатов” во една пријателска средба помеѓу нашата екипа и нашите вечни ривали, ФК Брегалница. Покрај спектаклот и забавниот дел, на овој настан ќе бидат изнесени во јавност новитети за нашата Беласица, ново лого и дресови за оваа сезона по повод 100-годишнината, нова екипа ЖФК Беласица, силни младински екипи како дел од младинската Суперлига и секако конструирање на силна Беласица и спојување со екипата на нашата легенда Горан Пандев“ – објавија официјално и од ФК Беласица, најавувајќи дека следната сезона ќе се натпреваруваат во елитата на местото на „пандевци“.
Академија Пандев во иднина како клуб нема да постои, а Беласица ќе игра во Првата лига. Согласно најавите, Беласица останува со својот втор тим да се натпреварува и во Втората македонска фудбалска лига.
По настапот во Конференциската лига, според договорот, дел од најдобрите фудбалери од Академија Пандев ќе бидат регистрирани за Беласица која ќе игра во Првата лига, а остатокот ќе играат во второлигашкото друштво, во вториот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА