Како „Специјалниот“ го претвори Манчестер Јунајтед во „обичен“ клуб

На шестата позиција на табелата, со огромни 19 бода помалку од водечкиот Ливерпул, со најлошиот старт на сезоната по 1990 година и со 29 примени гола, еден повеќе од целата мината сезона, Жозе Мурињо го остава Манчестер Јунајтед по две и пол годишно владеење. Португалскиот стратег имаше подеми и падови во текот на менаџирањето на еден од најголемите клубови во светот, ја освои Лигата на Европа, минатата сезона заврши на второто место, но сезонава се соочи со лоши резултати, секојдневни критики од навивачите, нарушени релации со управата, но пред се лоши односи со големите ѕвезди.

Проблемот со Погба

Катастрофално лошиот однос со Погба ќе остане еден од симболите на владеењето на Мурињо на „Олд Трафорд“. Кога Французинот доаѓаше во Јунајтед, Мурињо изјави дека „би можел да биде срцето на клубот во следната деценија“. Но, експресно потоа се појавија недоразбирањата кои кулминираа во последниве месеци кога Мурињо го оставаше Погба на клупата за резерви.

Ситуацијата стана исклучително напната кога Мурињо реши да игра против Севилја во Лигата на шампионите без Погба. Јунајтед беше елиминиран. На влошувањето делуваше и изјавата на Пеп Гвардиола дека менаџерот на Погба го нудел Фрнцузинот кај англискиот шампион во текот на летото. Од летната пауза Погба се врати во Јунајтед со титулата светски шампион. Но, тоа апсолутно ништо не значеше за подобрување на релацијата. Мурињо и Погба се расправаа пред камери на тренинг, а францускиот репрезентативец се почесто седеше на клупата и постојано флертуваше со поранешниот клуб Јувентус.

Менаџирањето со играчите

Погба се разбира не беше единствениот играч со кој Мурињо имаше проблеми. Во првите две сезони, неговиот груб однос кон Лук Шо не само што го лиши Јунајтед од еден од неговите најголеми млади таленти, туку и ги вознемири и другите играчи. Веројатно во општ интерес ќе беше ситуацијата да се изменаџира многу посуптилно.

Антони Марсијал е уште еден од играчите кој беше под постојана критика. И за него постојано беше отворена можноста за заминување бидејќи тој како и Погба не реагираше добро на критиките на Мурињо и никогаш не го реализираше вистинскиот потенцијал под менаџментот на Португалецот.

Мурињо имаше критики и за Фил Џонс и за Ерик Баи. Иако за Антонио Валенсија во 2017 година рече дека е „тивкиот лидер“, оваа сезона беше во немилост особено што го критикуваше дека од летната пауза се вратил со преголема тежина.

Стилот на игра

Стилот на играње на Манчестер јунајтед беше уште една голема коска за проголтување. Во периодот кога најголемите ривали ги освојуваа симпатиите со авантуристички, интензивен и во суштина напаѓачки фудбал, Мурињо тврдоглаво остана на конзервативниот пристап за умртвување на противникот.

Изгледаше дека Јунајтед ќе се ослободи од овој пристап кога на почетокот од минатата сезона постигна 33 гола во воведните десет кола, сепак многу брзо се се врати на стариот неатрактивен фудбал.

„Плачењето“ за трансфери

Манчестер Јунајтед во ерата на Мурињо потроши 400 милиони фунти за мега-трансфери меѓу кои и оние на Алексис Санчез и на Златан Ибрахимовиќ. Резултатот беше речиси никаков.

Најголемиот проблем кој постојано се провлекуваше беше централната дефанзивна позиција. Мурињо јавно се пожали дека не му е дозволено да купи нов играч на оваа позиција. Мурињо имаше големи надежи за двоецот Линделоф-Баи кој заедно чини 60 милиони фунти, но и овде очекувањата не се реализираа.

Постојаното жалење на Мурињо за трансфери се чини и никој не го сфаќаше сериозно со оглед на сумите кои беа потрошени за играчи во неговата ера. Јунајтед собра големи ѕвезди кои водат на листата најплатени во Премиер-лигата.

 

Се вчитува...