Вардар ја „преживеа“ фазата од врвот (двете освоени европски титули) до дното (огромните долгови од стариот газда кои придонесоа да дојде и до суспензија од ЕХФ и забрана за играње во ЛШ пред неколку години). И не само тоа, туку „црвено-црните“ јасно покажуваат дека имаат тим за високи дострели.
Тренерот Чупиќ на прес-конференциите од самиот старт на сезонава редовно повторуваше дека крајна цел (покрај титулата „дома“) му е фајналфор во Лигата на Европа, но во тоа ретко кој веруваше, освен хрватскиот стратег и неговите избраници, кои прават се да ја исполнат желбата на својот тренер.
И навистина, победата во Германија над Мелсунген го донесе првото место во групата кое значи автоматски билет за четвртфинале, по што пред „црвено-црните“ ќе се најде само уште една пречка до Ф4.
Вардар си го врати „чаламот“, не само во мак-ракометот каде доминира и е на патот до титулата, туку и во ракометна Европа…
За многумина одлуката на Михајло Михајловски за тренер да го избере Чупиќ беше проследена со недоверба, но токму тоа е клучниот фактор за оваа неверојатна сезона што досега ја имаат „црвено-црните“.

Не е исто да бидеш врвен играч и врвен тренер, но „Чупко“ е еден од ретките на кои тоа им поаѓа од рака. Згора на тоа, го прави тоа играјќи модерен ракомет, како што тој самиот вели…. за да го подготви Вардар за игра во ЛШ од наредната сезона.
Голем во победите, но и во поразите, Хрватот сезонава знаеше како да изреагира и кога резултатите не беа онакви какви што посакуваше, јасно ставајќи до знаење дека и тоа е составен дел од спортот, намалувајќи го на тој начин притисокот од играчите. А тие пак, му возвраќаат на најдобар можен начин.
Славните денови на дрим-тимот на Вардар се минато, јасно е дека мегатрансфери на звучни имиња од Барселона, Веспрем… се минато, но управата заврши одлична работа со селекцијата на нови играчи, како во текот на летото, така и сега во јануари.
Впрочем, Воркапиќ и Да Силва пред само два месеци дојдоа од Војводина, но не им требаше многу за да се вклопат во системот на „црвено-црните“ и веднаш да испорачаат – како во Супер-лигата, така и во Лигата на Европа на ЕХФ.
„Црвено-црните“ немаат звучни имиња од највисока класа, но затоа создадоа моќен колектив чиј тимски дух е тешко да биде скршен, без оглед на квалитетот на противникот.
Пред Вардар во четвртфиналето најверојатно ќе биде Монпелје (кој е фаворит со Елверум), француски гигант кој е квалитетен, но не и непобедлив. Влогот ќе биде голем, пласман на фајналфор. А ако се стигне до Ф4, таму сите ќе стравуваат од „црвено-црната армија“, клубот кој знае како се крева пехар од улога од тотален аутсајдер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

